цвс_центар за визуелни студии    www.vizualni-studiji.com
 

Визуелни и социјални култури

„Визуелни и социјални култури“ е темата на четвртата биенална конференција на Меѓународната мрежа за визуелна култура што ќе се одржи во Истанбул, во 2016 година.

Повикот е отворен за меѓународна соработка, презентации и настани што се однесуваат на постдемократијата, постопштеството, гневот, насилството, визиите за иднината, кризите, зомби-демократиите, социјалните медиуми, новото ропство, посткапитализмот, постинформациите, социјалните еволуции, револуции, активизми, постдржавите, интервенционизмот, канибализирачкиот корпоративизам, постколонијализмот, економскиот вампиризам, новите кметови, глобалната кражба, црвената уметност и социјалното угнетување.

Анализите што ги испитуваат актуелните падови или надолниот статус на современото општество и револтот кон таквата состојба, ќе бидат претставени во форма на настани, панели и изложби, кои ќе се одвиваат во Истанбул, Лондон, Њујорк и во други градови, а ќе водат кон главната конференција во јуни 2016 година во Истанбул.

Визиите за социјалната демократија, визуализациите на современите економски кризи, толкувањата и анализите на револтот, злоупотребата на податоците и бунтовната употреба на современите дигитални медиуми се добредојдени елементи на проектите и презентациите што очекуваме да бидат претставени.

Намерата на конференцијата е да ги предизвика и да ги замени традиционалните академски интерпретации и искрено да се фати во костец со темите што ги анализираат, ги опишуваат и ги предвидуваат начините и средствата за зафаќање со она што останало од концептот за општеството и социјалните вредности, со цел да се создаде „сликата на светот“ во денешно време.

За регистрација и сите други детали тука

Визуелен активизам, 14-16 март 2014, Сан Франциско, Калифорнија

Во организација на Музејот на модерната уметност од Сан Франциско и Меѓународната асоцијација за визуелна култура се одржа третата биенална конференција на асоцијацијата - „Визуелен активизам“, на која беа поставени прашања за односите меѓу визуелната култура и активистичките практики.

Уметноста неретко презема форми на политички и социјален активизам, додека активизмот знае да се појави во специфични и понекогаш изненадувачки визуелни облици. Како визуелната култура, во пошироки рамки, е обликувана од активистичките практики што циркулираат низ јавниот простор? Како подобро да ги разбереме комуникациските форми што се случуваат под закана на војна, револуција или репресија? Какви стратегии ни стојат на располагање за да го измениме нашето активно учество во општествената средина? На кој начин вградените социјални хегемонии, како што е расизмот, успеваат визуелно да се соочат со активизмот?

Настанот беше надополнет со еднодневен симпозиум „Живи сведоци“, на кој се преиспитуваше политичкото и социјалното значење на брзите но фундаментални промени во сферата на современата фотографија.

Визуелните студии денес – моќта на сликите; Загреб (Хрватска), 2013

Центарот за визуелни студии, „ТВРЃА“ – списанието за теорија, култура и визуелни уметности, Хрватското друштво на писатели и Меѓународната асоцијација за визуелна култура ве повикуваат да присуствувате на четиридневната програма под наслов Визуелните студии денес – моќта на сликите. Програмата се состои од меѓународната научна конференција Визуелните студии како академска дисциплина што се одржи на 7 и 8 ноември 2013 година, на Текстилно-технолошкиот факултет во Загреб, и од серија јавни предавања, тркалезни маси и перформанси под наслов Субверзивна уметност и теорија, што ќе се одвива во загрепскиот ЗКМ и во киното Европа, во Загреб на 9 и 10 ноември. По симпозиумот Визуелна конструкција на културата одржан во 2007 година, овој настан има за цел да го преиспита актуелниот статус на дисциплината визуелни студии во Европа и пошироко во светот. Меѓународниот отворен повик предизвика голем интерес кај научниците ширум светот, при што се избрани триесет и четири предавачи, кои низ своите дискусии со публиката ќе се обидат да одговорат на современите предизвици во академското етаблирање на науката за сликата и на визуелната култура воопшто. Покрај избраните стручњаци, ќе ни претставува особено задоволство да ги претставиме В.Џ.Т. Мичел, професор на универзитетот во Чикаго и еден од најпознатите протагонисти и воедно промотори на визуелните студии во светот; Маркард Смит од Универзитетот Вестминстер во Лондон, основач и главен уредник на денес веќе култната академска публикација Журнал на визуелната култура; како и Микеле Комета од Универзитетот во Парма, кој е еден од најсестраните припадници на т.н. европска континентална школа за визуелни и културолошки студии.

Трансрегионална конференција: Стара и нова иконологија; Риека (Хрватска), Будимпешта и Сегедин (Унгарија), 2013

Во периодот од 23 до 31 мај 2013 година, на три локации во Хрватска и во Унгарија се одржа трансрегионалната конференција Стара и нова иконологија.

Објавен е првиот број на онлајн-списанието ИМИЏИС – списание за визуелни студии

Првото специјализирано списание за визуелни студии во Југоисточна Европа, ИМИЏИС – списание за визуелни студии, го претстави своето промотивно издание.Тема на бројот е „Реалности во сликата: тело, движење, култура“ и опфаќа текстови од историјата на уметноста, антропологијата на културата, медиологијата и од науката за сликата. Намера на издавачот, Центарот за визуелни студии - Загреб, е списанието понатаму да излегува исклучиво на англиски јазик заради овозможување меѓународна афирмација на поширок круг научници и заради етаблирање на универзални научно-културни врски во безграничното виртуелно поле на светското знаење. Ги повикуваме сите заинтересирани автори да одговорат на редакцискиот повик за издавање на следниот број и да испратат свои оригинални научни текстови, есеи, прикази и рецензии на книги од полето на визуелните студии до 15 декември 2013 година. Тема на вториот број е „По визуелниот пресврт: што се случи со ликовното претставување?“

„Визуелна култура, сега!“; Њујорк (САД), 2012

"Визуелна култура, сега!" е прва средба на Меѓународната асоцијација за проучување на визуелната култура. Целта на овој настан беше во најшироки можни рамки да се прикажат различните пристапи кон практикувањето на визуелната култура во светот.

Учесниците имаа можност да ја почувствуваат, но и да ја креираат трансформацијата на ова проучувачко поле, започната со интеракцијата помеѓу филмските студии и историјата на уметноста (во 90-тите години на минатиот век), а денес надополнета со интерсекцијата помеѓу Веб 2.0, иконологијата, современата уметничка практика и критичките визуелни студии.

Сафет Ахмети, член на Центарот за визуелни студии, раководеше со работната сесија „Интердисциплинарност во/како визуелна култура“.

Екологии на визуелното; Трондхајм (Норвешка), 2012

Третата конференција на научно-стручната Мрежа за визуелна култура во Европа се одржа на 6 и 7 септември 2012 година, на Норвешкиот универзитет за наука и технологија, во Трондхајм.

„Екологии на визуелното“ беше темата на првиот работен ден на средбата. На вториот работен ден беа претставени предлог-проекти за заедничка соработка, како во рамките на постојните така и од новодојдените членови и организации заинтересирани за соработка. Со свои реферати на овој настан учествуваа членовите на Центарот за визуелни студии, Елена Тренчева-Тодевска и Јованка Попова.

Визуализирање на Европа; Барселона (Шпанија), 2011

Втората конференција на научно-стручната иницијатива под наслов Мрежа за визуелна култура во Европа се одржа на 11 и 12 април 2011 година, во Шпанија, на Универзитетот во Барселона.

По првата конституирачка конференција одржана во 2010 година во Лондон, на Универзитетот Вестминстер, вториот по ред собир имаше за цел да се посвети на специфичните проблеми на европскиот културолошки простор во контекст на новата научна и теориска парадигма што ја понудија визуелните студии. Бројни теоретичари на визуелната култура, професори, студенти, кустоси и визуелни уметници со своето учество во вид на предавања, презентации или на тркалезна маса се обидоа да дадат свој придонес преку одговори на следниве прашања: На кој начин визуелната култура учествува во преобликувањето на Европа? Какви сè интеркултурни предизвици се појавуваат во рамките на визуелното по проширувањето на Европската Унија кон земјите од Источна Европа? Со кои средства и со каков успех „малите“ европски земји и „малите“ европски јазици го остваруваат просторот на сопствениот визуелен, културен и национален идентитет?

За конференцијата поопширно тука

Студии на визуелната култура; Лондон (Велика Британија), 2010

Центарот за визуелни студии учествуваше во научно-истражувачкиот проект насловен Студии на визуелната култура во Европа. Проектот е прва систематска иницијатива што би требало да го одреди статусот и границите на визуелните студии на стариот континент и да се приклучи кон најсовремените облици на проучување на визуелните феномени денес. Оваа покана беше поттикната како од енормниот развој на медијализираните визуелни искази и сè поизразената доминација на американската школа за визуелни студии, така и од сегашните, но и поранешни проекти на Центарот што нè легитимираат како компетентни соработници.

На овој настан беа иницирани две соработнички мрежи: Мрежа за визуелна култура во Европа и Меѓународна асоцијација за визуелна култура.