цвс_центар за визуелни студии    www.vizualni-studiji.com
 

Проекти

Визуелните студии денес – моќта на сликите

Во последниве две децении сме сведоци на наглиот пораст на академскиот интерес за сите визуелни феномени, вклучително и на оние строго визуелните – од сликата и филмот до експерименталното видео и мултимедијалните инсталации – како и за сите облици на применетите уметности: графичкиот и индустрискиот дизајн, модата и рекламата. Во многу земји овој интерес за визуелните практики е проследен со интерес и за визуелните теории, особено за новата дисциплина визуелни студии која сè повеќе стекнува академска легитимност низ универзитетите ширум светот.

Визуелните студии се резултат на паралелниот развиток зачнат одделно во подрачјата на историјата на уметноста и на филмологијата, чии радикални застапници истакнувале одредени теории на статичните и на подвижните слики со цел да се воспостави една целосна наука за сликите. Откако В.Џ.Т. Мичел и Готфрид Бем ја потврдија тезата за сликовниот пресврт како основен теоретски интерес на хипермедијализираното општество стана јасно дека разновидните визуелни феномени имаат потреба од многу поширока теоретска платформа: таква што би била во состојба да го согледа конечното бришење на границите помеѓу високата и ниската уметност, елитната и популарната култура, како и помеѓу творците и корисниците на визуелните пораки.

За прв пат во историјата корисниците на сликите станаа произведувачи на слики, во рамките на неконтролираниот кружен процес, во кој сликите носат нови увиди, а тие нови увиди бараат моментално сликовно отелотворување. Развитокот и експанзијата на телекомуникациските технологии ги трансформираа традиционално сфатените технички слики во нов, на сите достапен комуникациски код. Сепак, дали оваа достапност истовремено подразбира дека новиот комуникациски код е навистина разбирлив за сите негови корисници? Знаеме ли навистина што сликите ни кажуваат, што бараат од нас или што ние бараме од нив? Знаеме ли на кој начин најновите истражувањата во техно-науките преку визуализацијата ги докажуваат своите радикални тези за биокибернетичките сложени системи или пак како поимот за сликата денес се впишува во перформативните тела на уметноста и на модата?

Меѓународниот научен симпозиум Визулените студии како академска дисциплина собра широк круг на унивезитетски теоретичари како би можеле заедно да ги разгледаат начините на кои тие размислуваат и едуцираат за сликите, пред сè за нивната повеќезначност што настанува преку интермедијалното вмрежување на различните визулени практики, како и преку трансдисциплинарните анализи на современите теории. Оваа конференција сака да ја преиспита теоретската заснованост на широкото подрачје на визуелните репрезентации - уметност, филм, фотографија, дизајн, мода и преформанс - но и да го разгледа дисциплинарниот статус на самите визуелни студии како (етаблирани) научни парадигми.

Subversive Art & Theory, пак, е серија на јавни трибини, презентации и тркалезни маси, која настојува, да се приближи до, но и да ја вклучи пошироката публика во темите што нè засегаат сите нас.

Во средиштето на четиридневната програма се клучните прашања на современата теорија и на уметничката практика:

  1. Теоретскиот и дисциплинарниот статус на визуелните студии – две децении по сликовниот пресврт
  2. Визуелните студии како „радикална“ верзија на историјата на уметноста или како критичко свртување
  3. Епистемолошки аспекти на визуелните студии во универзитетските наставни програми
  4. Можности за примена на науката за сликата: теоретска интеракција помеѓу уметноста, филмот, дизајнот, модата и перформансот
  5. „Недисциплинарноста“ како пристап кон мултимедијалната слика на светот
  6. Модните студии денес: од теорија на модата до дизајн на телото
  7. Перформансот на крстопат: од уметничка практика до политички ангажирано дејствување

Конференцијата е организирана во рамки на активностите на работната група Визуелната култура во Европа и претставува четврта редовна конференција. Претходните три конференции се одржаа во Лондон (2010), Барселона (2011) и во Трондхајм (2012).

Конференцијата ќе се одржи од 7. до 8. ноември 2013. година на Текстилно-технолошкиот факултет, при Универзитетот во Загреб.

Главно обраќање:

Пленарни предавања:

Членови на работната група Визуелната култура во Европа:

Научен и организациски тим:

Организатори:

Центар за визуелни студии; ТВРЃА – списание за теорија, култура и визуелни уметности; Хрватско друштво на писатели; Текстилно-технолошки факултет при Универзитетот во Загреб; здружение „Бијели вал“ Загреб