За нас
Програмски одредници
Центарот за визуелни студии е научно-стручно здружение основано со цел проучување на комплексот научно-теориски проблеми кои во англосаксонската универзитетска терминологија најчесто се определуваат со терминот „visual studies“. Станува збор за релативно нова дисциплина чиј основен предмет на истражување е севкупното подрачје на визуелното во современата цивилизација, од високата уметност и популарната култура до транскултурните интеракции со воневропското практикување на визуелните уметности и моделите на сликотворење во глобалното општество на спектакли.
Центарот поаѓа од претпоставката дека традиционалната историја на уметноста, која настојува да го помири дијахрониското проучување со априорното одредување на уметничкиот предмет во потесна смисла, не покажува доволно методолошка виталност потребна за пристап кон најновите визуелни феномени и современата уметничка пракса. Центарот сака да отвори нови, неортодоксни пристапи кон феномените, како на пример сликата како трансиконичен факт или да отвори дискусии за статусот на погледот (the gaze) како на уметнички, така и на „неуметнички“ предмети итн.
Подрачје на интерес
Примарно подрачје на интерес на Центарот се медијализираните визуелни искази, без оглед дали станува збор за толкување на најново уметничко дело, рекламна кампања, телевизиски show-емисии, естетиката на актуелниот моден тренд или тривијалната култура. Преку нашите проекти сакаме да укажеме на неизбежната упатеност на најразнородните облици на визуелното денес, на нивното подрачје на интерференција кое донесува нови, возбудливи интерпретации и воспоставува врски помеѓу формално навидум неспоиви, но значенски блиски феномени. Центарот сака да се занимава со феноменологијата на визуелноста и во традиционално несликовните медиуми, како книжевноста, филозофијата, медицината или општествените науки. Особено интересни и потенцијално предизвикувачки ни се чинат подрачјата во кои сликата како финален производ е само последица на „репрезентациската нужност“, како во картографијата и медицинското скенирање на телото, а кои сè повеќе и сè почесто ги дестабилизираат и прошируваат стекнатите постапки за производство на уметност.
Едукациски програм
Во рамките на својата едукациска програма Центарот се залага за основање и изведување на факултативен колегиум под наслов Вовед во визуелните студии. Станува збор за предмет кој на студентите би им овозможил основен увид во една исклучително модерна научна дисциплина – визуелни студии – којашто на светските универзитети во последниве години добива сè повеќе на значење. Оваа релативно нова дисциплина се изучува како самостојна студиска група со што се здобила со научна релевантност и ја докажала практичната оправданост во рамките на толкувањето на современите уметнички и визуелни феномени. Воведот во визуелните студии е замислен како интердисциплинарен колегиум којшто го поврзува најшироко сфатено полето на визуелноста денес: од историјата на уметноста, популарната култура, филмот, телевизијата и рекламната индустрија до применетите уметности, како што се дизајнот на визуелните комуникации, фотографијата, мултимедијските и новомедијските практики. Колегиумот сака да покаже дека во денешниот свет на слики повеќе не е можна поделбата на висока и ниска уметност, на чиста и применета уметност, туку дека клучот за разбирање на сите визуелни искази лежи во нивното правилно толкување и позиционирање во цивилизацискиот контекст на којшто му припаѓаат. Колегиумот сака да ги запознае студентите со начинот на интеракција на спомнатите подрачја на визуелното, да им овозможи полесно снаоѓање при донесувањето вредносни проценки и теориски да ги подготви за самостојно креативно изразување во одредени специјалистички подрачја. Колегиумот би се изведувал според претходно прифатена детална програма, во зависност од доделениот број на часови.
Издавачка програма
Издавачката програма е замислена, од една страна, како логично надополнување на изборниот колегиум – визуелни студии, но, од друга страна, и како самостојна активност која ќе им овозможи на студентите полесна и побрза достапност до релевантната стручна литература од полето на историјата и теоријата на современата уметност. Во рамките на оваа програма предлагаме осмислување на неколку едиции, од кои секоја би се вклопувала во потребите на одредени студиски групи или специјализирани колегиуми. Издавачката програма не смее да биде цел сама за себе, туку мора на најдиректен начин да одговори на едукациските потреби на студентите и на оној теоретски дел од студиите којшто предметните професори би го оцениле како исклучително важен за изведување на наставата. Со оглед на фактот дека преведената литература од подрачјето на визуелните уметности на македонски јазик е сеуште мошне скромна, Центарот ќе а) предложи во рамките на својата програма конкретни наслови на странски јазици за превод на македонски; б) уреди сопствени зборници од странски и домашни теориски текстови и в) предложи издавање оригинални, сеуште необјавени научно-стручни трудови од македонски автори. Издавачкиот план би се составил во договор со заинтересиран наставен кадар, со стручна, уредничка и продукциска поддршка на Центарот.