цвс_центар за визуелни студии    www.vizualni-studiji.com
 

Изданија

Жарко Паиќ, Визуелни комуникации – вовед

Центарот за визуелни студии – Скопје во соработка со издавачката куќа Готен го објавија преводот на македонски јазик на книгата на Жарко Паиќ, Визуелни комуникации – вовед.

Книгата на др.сц. Жарко Паиќ, доцент на Студиите за моден дизајн, при Текстилно-технолошкиот факултет и гостин предавач на Академијата за ликовни уметности, на Универзитетот во Загреб, , претставува теоретска студија за новиот интердисциплинарен предмет, на граница на општествените, хуманистичките и културалните науки. Истоверемено, анализата на визуелните комуникации е епистемолошки насочена наспроти семиотиката на визуелната култура како комуникациски систем. Во делото се расчленуваат:

  1. современите теории на сликата;
  2. медиумската уметност;
  3. проблемот на надминување на границите помеѓу историјата на уметноста и масовната/популарна култура, во рамките на хуманистичките науки;
  4. јазикот на визуелноста и стратегиите на новиот масовно-медиумски пристап кон општеството;
  5. парадигмите на визуелното комуницирање.

Книгата систематски ги прикажува достигнувањата на досегашните релевантни студии на проблематиката, но критички ги ревалоризира интенциите за артикулација на некоја нова дисперзивна и флуидна “онтологија на културата“ за нашево време, којашто визуелните комуникации би ги прогласила за надополнување на семиотиката на филмот, масовната култура и медиумските уметности.

Жарко Паиќ радикално ја изложува неможноста на новите естетики, по крајот на естетиката на автономната модерна уметност.  Оттука, визуелните комуникации не се позитивен начин на изложување на новата слика во постмодерно доба, туку она што, врз трагата на В. Џ. Т. Мичел – водечки теоретичар на визуелната култура и комуникации – како и во делата на Лев Манович и Дитер Мерш, за теоријата на медиумите се покажува како основен проблем на критичката мисла – визуелната конструкција на културата како комуникациски систем во современото доба. Основна теза на книгата е дека сликовноста на нашево време се вчитува на три нивоа:

Настаната како резултат на циклус предавања на Текстилно-технолошкиот факултет, оваа книга, со сеопфатноста на темата и широчината на научниот пристап, ја надминува својата почетна амбиција – на студентите од хуманистичките дисциплини да им понуди основен увид во современите проблеми на сликата и уметноста – и се промовира во мошне сериозен вовед во цела низа проблеми на теоријата и праксата на визуелноста денес.

Со иновативниот пристап кон поимот визуелни комуникации, Жарко Паиќ, во Визуелни комуникации – вовед, го напушта традиционалниот семиотички однос помеѓу сликите и значењата во виртуелниот простор на дигиталната култура, приклонувајќи се кон именување на новата стварност и залагајќи се за нова интердисциплинарно заснована наука за медиумската комуникација со сликата. Оттука, во овој труд не станува збор за визуелната комуникација како сликовна семиотика на постмодерната, туку за она што, врз основа на теориите за медиумите на Мичел, Манович и Мерш, се покажува како основен проблем на критичката мисла – за визуелната конструкција на културата како комуникациски производ. Намерата на ова дело треба да се сфати како продлабочување на исказите за иконоклазмот на современата уметност, чијшто парадоксален резултат претставува втемелувањето на сликовната наука во доба на слика на/без светот. Поимите, методологијата, систематскиот приказ и толкувањето на актуелните теоретски контроверзи за сликата, новите медиуми, визуелизацијата и границите на современите уметности, тука се изнесуваат историски и структурално.

За разлика од бројните, тематски сродни студии од овој вид, студијата Визуелни комуникации – вовед избегнува да го насочи своето внимание исклучиво врз социјално-културолошките белези на современата медијалност. Од културалната конструкција на светот обликуван од медиуми, авторот настојува да отвори поинаков пристап кон поимите, категориите и маѓепсаната реалност, којашто, навидум парадоксално, сеуште сè создава токму и единствено како систем на знаци на визуелната комуникација.

Визуелното комуницирање повеќе не означува никаква општествена интерактивност ниту, пак, културна трансформација на медиумите во доба на дигиталните технологии. Основниот белег на интеракцијата на современата информациска технологија и визуелната култура ја одредува суштината на визуелните комуникации. Таа интеракција не е условен општествен однос ниту пак културен производ на историјата. Токму спротивното, визуелните комуникации се резултат на сосема поинаква творба на општеството и културата во глобална доба. Визуелната конструкција на општественото и културното произлегува од моќта на информациската технологија којашто е истовремено медиум, порака, структура, функција и знак на дереализираниот свет. Се чини дека главна задача на ова толкување е како воопшто во таквиот не-свет или пост-свет, на уметноста да и се подари „смисла“ вон служењето на општествените промени и културни мутации на идентитетот. Зарем во доба на екстаза на визуелните комуникации не се наоѓаме во состојба на губење на сите врски со општеството и културата, па така и на крајот на традиционалниот поим за хуманизмот на уметноста?